Кратово како Венеција
пишува - Оливер Арсовски
Големо невреме проследено со пороен дожд и силен ветар синоќа го погоди Кратово и околните села, а медиумите јавуваат дека невремето направило пустош и во кривопаланечкиот крај. Во периодот од 17 до 18 часот Кратово наликуваше на Венеција, улиците беа поплавени, надојдените води влегуваа по дворовите на куќите, а поплавија и дел од подрумските простории во голем број куќи. Сообраќајот беше парализиран, а кратовци останаа без електрична енергија од 17 до 20 часот. Сепак, најголемите штети ги предизвика Кратовска река, која ги поплави бавчите по течението на реката и го уништи овогодишниот род. Некои граѓани се жалат дека останале без дел од добитокот, а некои биле сведоци како прасиња и кокошки пливале во надојдените води на Кратовска река.
Голема паника кај жителите на Мерак маало предизвика дотечениот Врбички дол. Огромна количина вода не можејќи да помине низ пропустот на мостот, направи огромно езеро кое за само десеттина сантиметри не се излеа над мостот. Притоа водата собори неколку тополи и ореви, а ги искина и водоводните цевки со кои граѓаните се снабдуваат со вода за пиење.