gogo

A+ R A-


Феноменот „Рингишпил“

Феноменот Рингишпил“

пишува: Оливер Арсовски

Забавата заврши. Крај. Нема веќе ринги шпил. На тринеделната еуфорија која до максимум ги обземаше децата, но и повозрасните жители на Кратово, и дојде крајот. Животот продолжува, на истиот начин како што се одвиваше и пред тоа. Децата се вратија пред компјутерите, на виртуелно возење колички (GTA), мајките и бабите повторно ги запоседнаа градските сокаци, а татковците и дедовците се вратија на рутинската активност наречена пиење пиво пред кооперација. Секое чудо за три дена (во нашиот случај за 20 дена), ќе рече некој, но сепак феноменот „рингишпил“ заслужува една подлабока анализа. Од многуте аспекти на овој феномен, се решив да направам една анализа на ликови, едно „скицирање“ на сите оние ликови што ги сретнав и со кои имав можност да поразговарам, да се дружам, да ги набљудувам. Материјал за обработка имав колку сакам (речиси цело Кратово го посети рингишпилот), време во изобилие (признавам дека заради мојот тригодишен син речиси секој ден „висевме“ таму). Типологијата на карактери почнува...

 

Тип ГРАТИСМЕН -Купува три жетони за помалиот син и учтиво го замолува продавачот за едно гратис возење. Тој функционира по принципот „плати 3, земи 4“, но после потрошениот трет жетон остана без гратисот, бидејќи истиот заврши кај една млада згодна мајка. Лут како рис, замина и веќе не го видов на возалиштето.

Тип СРАМЕЖЛИВКА -Млада наконтена мајка сака да ја вози својата слатка ќерќичка, но срамот не и дозволува да влезе во количките пред толку многу народ. Седи со часови, кружи, чека погоден момент кога нема никој во близина и набрзина врти неколку крукчиња усреќувајќи ја ќерќичката, а уште повеќе себеси.

Тип ХИЕНА -Младо симпатично момче, можеби шестооделенец, вљубеник во количките, со „исцеден џеб“ и огромна желба за возење чека жртва. Пари нема, но затоа има срамежливи мајки, подгрбавени бабички на кои некој треба да им ги провози децата или внуците. Неговата максима е „од тебе жетонот, од мене возењето“.

Тип ЗЛОЧКО -Редовен гледач, го носи понекогаш и детето, но не му е до возење. Тој, всушност, е дојден за да му ја пресмета заработката на сопственикот. Од него ќе чуете пресметки колку жетони се потрошиле за време на матурантската вечер, колкава била загубата во врнежливите денови, колкави се расходите... Мислам дека ниту еднаш не купи жетон.

Тип ЕГЗИБИЦИОНИСТ -Ретко доаѓа, но кога ќе дојде секогаш сака да е во центарот на вниманието. Купува на кило жетони, им ги полни џебовите на своите деца и со својата најнова камера ги снима нивните вратоломии. Битно му е да биде забележан, но заборава да ги посоветува своите деца дека треба да бидат внимателни додека возат. Веќе во следниот миг при еден судир, настрада носот на помалата ќерка, а за виновник е прогласен воланот. Плачот го прекина шоуто, а жетоните останаа непотрошени...

Забавата продолжува следниот мај, а тогаш и продолжението на Типологијата...

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.