gogo

A+ R A-


Бугарскиот спа-центар Банско ќе се преслика во Крива Паланка

alt

Крива Паланка е еден од помладите градови во Македонија, но кога ќе зачекорите по неговите улици ќе сфатите дека овој факт ниту малку не го намалува чувството дека сте на место со богата историја и традиција, богато сакрално наследство и, пред се, прекрасна природа. Во сето ова се уверивме и самите при нашата посета, а за само еден ден, декемвриски, кој за наша среќа беше сончев, успеавме да откриеме многу историски факти за животот во оваа паланка под Осоговските Планини. Градот сместен од двете страни на Крива Река по која и го добива името, е основан во 1633 година од страна на Бајрам-паша, везир на султанот Мурат. Се почнало од едно утврдување кое го следело текот на реката, подигнато со цел да се заштитат карваните и патниците што минувале низ теснините на значајниот магистрален пат. Тој пат во антиката го поврзувал Скупи со Пауталија, во Среден век Скопје со Велдуж, подоцна Скопје со Софија. Околу тврдината, од која денес е останат само еден мал дел како спомен за едно време, се развило градско јадро кое за кратко време станува значаен ковачки центар...

Цела историја на едно место
Велат, ако сакаш да дознаеш повеќе за еден град влези во градскиот музеј. Таму на едно место се наоѓа целата историја на градот и блиската околина, од антиката до денес. Затоа, веднаш по влегувањето во градот прашавме за градскиот музеј. Ни одговорија "само право" и тргнавме право, во центарот на Крива Паланка. Уште од раните утрински часови ја почувствувавме раздвиженоста на нејзините жители низ улиците на градот, придобивката од модерното време, во кое сосема добро се вклопи и еден повозрасен господин кој токму во тој момент преку мобилен и тоа на англиски јазик ја договараше зделката, брзајќи по улицата по која и ние се движевме... Влеговме во музејот, здание кое за да ја заслужи привилегијата да биде музеј, претходно било амбуланта, суд, армиски дом, но, сепак, успеало да ја сочува својата интересна архитектура. Не понудија со чај за да се стоплиме, по што заедно со директорот Драган Величковски тргнавме низ историјата, од Егри дере (Крива река) како што била наречена Паланка во турскиот период, низ тогашните најстари маала, Средна маала и Саат. Ја видовме и копијата на мермерната плоча од влезот на кривопаланечката тврдина со превод на македонски, која го потврдува настанокот на градот. Оригиналот сега се наоѓа во Музејот на Македонија. Прошетавме и по православните Варош Маала, Мишовска Маала, Чука, Грнчарска Маала... формирани во 17 век кога во градот се доселуваат голем број православни семејства.

"Со текот на времето, во градот се оформува значаен христијански слој, кој во 19 век ја понел на своите плеќи преродбата и развојот на градот. Во овој период во Крива Паланка, делува и еден од првите македонски преродбеници Јоаким Крчовски, кој со помош на локалните трговци, во 1814-1819, во Будим ги печати своите познати пет книги, на жив народен говор", ни објасни Величковски.

Одејќи од просторија во просторија се запознавме и со најстарите откритија од античко време, ископани на блиските локалитети, но и со секојдневието на неговите жители низ неколкуте векови. Од занаетите, кои до пред неколку децении биле активни во паланката, сега се останати само по некој кројач, бербер, ракотворец...Од ковачкиот занает, пак, кој бил и најстар поради тоа што во близина била ископувана и преработувана железна руда, сега во овој крај на прсти од една рака може да се избројат ковачи...

altМладите сакаат да се чиновници, не работници
Со еден од ковачите и разговаравме. Мајстор Драго Дејановски, кого сите го познаваат како Нуко, го најдовме во работилницата. Од топлината во печката се згреавме, а муабетот со овој човек со ведар дух не орасположи.

"Со овој занает почнав во 1970 година, и денеска истото го работам. Прво работев кај мајсторот Алексо. Тогаш имаше и чираци, но со тек на времето бројот на ковачи се намали. Чираци денес нема. Денешните млади се многу педантни, сакаат да бидат чиновници, а не работници. Не разбираат дека не може секој да биде министер, полицаец, директор. Треба да се работи, да се научи некаков занает, а не да се седи дома и да се чека некој да ве викне во државна служба. Младите треба да бидат задоволни и со малку, а не да лудуваат", пола низ смеа пола сериозно ни кажа мајстор Нуко. А во работилницата се острат секири, се прават потковици, се поправа железарија.

"Кога учев, се се работеше рачно и имаше работа, сега е се машински, ама нема работа. Веќе 15 години како занаетите изумираат", додава мајстор Нуко.

Во околината на Крива Паланка се уште може да се сретне по некој воденичар, како мајстор Грозде, родум од селото Кркља. Во Пашина воденица, во сопственост на Грозде и неговите браќа, се мелело брашно од целата кривопаланечка околија. Има и по некој ракотворец како мајсторите Жарко и Братанче кои до ден-денес изработуваат кавали, дудучиња, гусли и разни украсни предмети од дрво...

Ски-центар и полигон за параглајдери
Дознавме се за занаетите во градот покрај Крива Река, а со туристичкиот потенцијал на градот, пак, не запозна првиот човек на општината, градоначалникот Арсенчо Алексовски. Влегувајќи во зградата на општината наидовме на луѓе кои како и ние се упатија кај градскиот татко. Не информираа дека кај градоначалникот има важни гости, се разговара за нови проекти. По кратко време градоначалникот не прими.

"Крива Паланка како општина посебно внимание обрнува на развојот на туризмот. Направивме физибилити студија за развој на зимскиот туризам на Осоговските Планини. Изработена е од страна на една македонско-бугарска компанија која ја правела и физибилити студијата за ски-туризам во Банско, Пампорово и уште неколку градови во Бугарија", вели Алексовски.
Студијата, како што ни кажа, опфаќа три етапи, патеки за скијање, за пешачење, и локации за хотели и викенд-населби. Во однос на ски-етапите опфатени се местата Калин Камен, втората е Царев Врв и третата Сокол-Руен, кај Тораница.

"За сите овие етапи се предвидени жичарници со кои ќе се оди до врвот и ски-лифтови. Во следниот период треба да се направи и урбанизација на Калин Камен и подетални проекти, но се е поврзано со наоѓање на инвеститор кој ќе сака да инвестира во овој дел на нашата општина. Ние сме отворени за соработка и разработување на проектот кој ќе биде објавен на туристичката мапа на Македонија со цел инвеститорите да имаат преглед. Истовремено, при крај е и изработката на проектот за ревитализација на караулата од Првата светска војна на Царев Врв и правење на полигон за параглајдери. Ќе се направи и планинарски дом. Проектот е во завршна фаза и истиот ќе биде презентиран, а ќе настапиме заедно со општините Кочани и Каменица", додава Алексовски. Сепак, тој потенцира дека во моментот главен бренд на Крива Паланка е Осоговскиот манастир, но бренд пред кратко време стана и испосницата на Јоаким Осоговски во селото Градец.

"Партерно го уредивме просторот со настрешница и амфитеатар со патека и клупи, со што добивме едно убаво место кое е се повеќе посетувано од граѓаните на Крива Паланка и од туристите. Целта ни беше туристите кои ќе отидат до манастирот "Св. Јоаким Осоговски" после тоа да го видат и местото каде Јоаким Осоговски водел испоснички живот", ни објасни Алексовски.

altЛегенда за четирите монаси
Дека манастирот "Св. Јоаким Осоговски" е бренд на Крива Паланка и сами се уверивме. Тргнавме да го посетиме, а лиценцираниот планинарски водач Стојанче Величковски, кој го сретнавме по патот не заинтригира со легендата која се раскажува за ова свето место. Подробностите, пак, ги дознавме од старешината на манастирот прота-ставрофор Добрислав Бошковски, кој точно 26 години престојува во манастирот.

"Четирите монаси, Св.Јован Рилски, Св. Јоаким Осоговски, Св. Прохор Пчински и Св. Гаврил Лесновски живееле во колектив од монаси во Лесновска Гора, но за разлика од другите, тие сакале да живеат посебен живот, подалеку од цивилизацијата, по пештери, планини и да водат аскетски живот. Се договориле како браќа по вера да направат скромна вечера, по што си даваат задача кој како ќе стане на изгрејсонце да си тргне во различен правец и кај ќе стаса на зајдисонце таму да направи манастир. Според легендата прв се разбудил Јован Рилски и стигнал до падините на Рила, втор станал Прохор, кој стасал до реката Пчиња. Третиот е Јоаким кој доаѓа прво во Градец, каде има пештера. Не се задржува таму поради раздвиженоста и активностите на селаните. Принуден е да бара нова локација и доаѓа во месноста Бабин Дол во пазувите на Осогово, каде живее до крајот на својот живот. Кога видел дека другите си заминале, Гаврил решил да остане во Лесновската Гора", ни ја раскажа приказната попот Добре.

Од смртта и погребувањето на Јоаким Осоговски во 11 век на местото каде што се наоѓа малата црква "Св. Богородица" се смета и почетокот на манастирот. Моштите на Јоаким денеска се наоѓаат во истоимената црква, дело на познатиот градител Андреја Дамјанов кој ја изградил во 1847 година на барање на народот да се изгради поголема соборна црква.

altОсоговскиот манастир бил под заштита на султанот
Интересна е и легендата за турскиот знак кој стои пред црквата како заштита од сите злонамерници.
"За време на турско владение, Турците често доаѓале со лоша намера, не да го слават Осоговски, туку да ги тргнат луѓето од манастирот за да не се шири православието. Се зборува дека група османлиски војници со иста намера дошле до манастирот по наредба на Султан Хамид. Бегот, водачот на аскерот, си дал за слобода да земе дел од моштите на Јоаким, но на патот кон Крива Паланка се разболел. Веднаш се вратил и ги оставил моштите од кај што ги зел, по што оздравел. За оваа случка тој го известил и самиот султан, кој пак, испраќа знак кој на врвот има топка, турбан турски, кој го поставуваат во манастирот како заштита од сите власти. Се раскажува дека биле испратени и 5 килограми злато за да се поправи штетата доколку е направена, бидејќи манастирот претходно бил и пален", ни раскажа старешината.

altАпартмани за гостите
Во црквата "Св. Јоаким" денеска може да се види интересен живопис, а една од најинтересните фрески е композицијата "Евангелската проповед на апостол Павле", во која верниците се претставени во народна носија. Импозантен е и иконостасот, библија во дрво долга 11 метри и висока 6, а направена од вредните раце на копаничарите од копаничарската колонија која веќе 13 години се одржува во манастирот. Се смета дека стариот масивен иконостас во минатото бил однесен во Бугарија.

Во манастирот, во моментот, за престој на сите добронамерници има 120 кревети, апартмани во кои ноќевање е 500 денари и соби по цена од 300 денари за ноќ. Сепак најатрактивен е стариот конак од дрво на кој можеш со часови да седиш и да ги одмораш очите, посматрајќи го зеленилото кое го опкружува манастирот. Во атрактивноста на апартманите се уверивме и сами, дел од нив се сместени во некогашните амбари кои се преуредени во модерни простории со тушеви и кујни.

Посетители, вели старешината, има од цела Македонија и Европа, доаѓаат од Холандија, Австрија, Германија, Америка и Австралија, а има дури и од Виетнам.
За сите нив и по нивно барање во манастирскиот ресторан се нудат старите традиционални македонски јадења, пити, ајвар...

altПланинарска рута 4М
За љубителите на чистиот планински воздух и природните убавини, започната е и една манифестација, меѓународна планинарска рута 4М, која веќе 15 години се реализира под мотото Патот на една легенда од 11 век, секој претпоследен викенд во мај.

"Патеката ги поврзува лесновскиот со осоговскиот манастир. Тој е и единствениот кој се вклопува во легендата, бидејќи се тргнува на изгрејсонце и се стасува на зајдисонце. Една садница црница во чест на манифестацијата е засадена пред 6 години во Осоговскиот манастир, додека на самиот старт во Лесновскиот манастир постои исто вакво ретко дрво старо 600 години", ни открива Стојанче Величковски.

За едно ново искуство и планинарење по патеката на монасите ќе почекаме, но затоа веднаш тргнавме кон пештерата во селото Градец, на само неколку километри од градот. Низ прекрасната природа, со дабова и борова шума, по патот покрај кој се наоѓаа и патокази кои не убедија дека се движиме во вистинска насока стасавме до Градец. Ладниот ветер кој дуваше не ни овозможи да се задржиме подолго на ова свето место покрај пештерата во која престојувал Јоаким Осоговски, но за миг успеавме да ја осознаеме целата тишина и убавина на мирот и спокојот кој не опкружуваше. Се вративме кон Крива Паланка, а по пат дознавме за уште една традиција, која со векови се почитувала во овој крај.

Невестинското поклонение на Св. Теодор Тирон
Во селото Конопница, кое буквално е споено со градот, постои традиција која според Величковски, згаснала пред 33 години, но по негова лична иницијатива и со поддршка на градоначалникот и Центарот за култура повторно е возобновена пред 5 години.

alt"Снаите и свекрвите секоја година на Тодорица, која се паѓа во февруари или март, доаѓале во црквата "Св. Теодор Тирон" на поклонение да добијат благослов за семејството. Во Конопница имаме една фамилија каде таа традиција воопшто не е прекината. Во таа семејна лоза сите свекрви и снаи биле на поклонение. Сега се има намера да прерасне во меѓународна атракција и да дојдат учеснички кои не само што ќе го направат ритуалот туку и ќе ја претстават општината и етнографската припадност преку изворната носија. Ова е интересен социјален момент кој ја зближува снаата и свекрвата, бидејќи што и да се случило тие морале да дојдат заедно на поклонение. Услов да се присуствува е младите невести да го склучат бракот меѓу двете Тодорови саботи", ни ја објасни традицијата Величковски кој во својата богата фотографска архива ги зачувал сите момент од манифестациите кои досега се одржувале на просторот на Крива Паланка. Како придружна манифестација востановен е и меѓународен конкурс за карикатура на тема снаа и свекрва на кој се испратени стотици карикатури од врвни карикатуристи од цел свет. Во рамките на манифестацијата се бирала и најдобра сливова ракија и најдобар посен зелник.

"Кога јас бев снаа во 1968 година, беше навистина многу убаво. Се носеа тепсии, манџи и погачи и кај црквата се ручаше. Имаше и музика и песни. Се кажуваше кој има поубава носија, а младите се надигруваа на оро...", се присети свекрвата од семејството Атанасовски која заедно со својата снаа Тања беа дел од манифестацијата. Ги посетивме во нивниот дом, а тие низ смеа ни ги раскажуваа деталите од оваа традиција. Кога ги запрашавме дали навистина делува овој обичај за мир во куќата, исто така низ смеа ни одговорија. "За разбирање треба да се попушта, некогаш снаата, некогаш свекрвата".

Интересна е и приказната за самата црква "Св. Теодор Тирон", заштитник на родот и породот. Според својата архитектура таа претставува вистинска реткост со оглед дека вакви градби во форма на тролист ги има само три во Македонија, а останатите две се во Охрид. Планот за градба на оваа црква е донесен од градежниците од овој крај кои во тоа време граделе цркви во Романија, по што планот го донеле и во Конопница.

Симит и сарамсаклија
Денот веќе наголемо заминуваше во овој зимски ден, па за природните убавини во Паланечко и Станечките Водопади можевме само да слушаме. Ова преубаво место, ни кажаа, се наоѓа во атарот на селото Станци на Козја Река која извира под врвот Калин Камен. Останува двата водопада, високи 9 и 11 метри, обиколени со карпи високи и до 50 метри, и бројните цркви со интересна архитектура и живопис, да ги видиме при наредната посета. Она што, сепак, успеавме да направиме е да пробаме кривопаланечки симит кој во ова општина се продава и како сувенир изработен во дрво. Специјалитетот сарамсаклија, пак, можете да го нарачате како дел од традиционалната кривопаланечка кујна. За овој оригинален специјалитет од печено тесто малку се знае, но оние што го пробале се воодушевени од неговиот вкус.

Сарамсаклиите, дознавме, се прават од брашно, вода, сосема малку сол, зејтин и квасец. Тестото се дели, се расукува и секој дел се премачкува со маргарин. Потоа, од него се прават форми во вид на мали бовчи, кои се редат една до друга во плех, а при крајот на печењето се прелеваат со толчен лук и кисело млеко и така се потпекуваат...Рецептот е многу стар и е наследен од турските семејства.

"Сарамсаклијата е дел од автохтоната кривопаланечка кујна, која опстојува на овие простори и затоа треба да стане препознатлив туристички производ. И кривопаланечкиот симит, чомлекот, мафишите, баниците и зелниците се подготвуваат на посебен начин и се дел од локалната храна", велат кривопаланчани.

Има уште многу што да се раскаже за овој град, бидејќи богатството на традицијата, обичаите, но и културното наследство со кои располага, е немерливо.

Даниела Трајковска

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.