Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денес свечено отвори градинка во други просторни услови во општина Ранковце, во адаптиран училишен простор, во рамки на ОЈУ Детелинка од Крива Паланка.

Во изјава за медиумите Спасов изјави, дека со отворањето на оваа група, која за почеток ќе опфаќа 26 деца на возраст од 3 до 6 години во полудневен престој, се решава еден долгогодишен проблем на жителите на општината, чии деца сега ќе можат да бидат опфатени во системот на згрижување на деца од предучилишна возраст.
Владата на Македонија вложи 2 милиони денари во уредувањето на градинката и нејзиното оспособување. Набавени се опрема, инвентар, придружен мебел и основен дидактичко-игровен материјал.
- Особено ми е драго што денеска пуштивме објект кој ќе овозможи достапност на услугата за згрижување и воспитување на децата од општина Ранковце, а тоа е само една од формите на којашто активно работевме во изминатиов период за опфат на деца од предучилишна возраст, рече министерот Спасов.
Со оваа градинка, како што истакна директорката на „Детелинка“, Жанета Маџовска, отпочна првиот чекор за сместување, згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст во општина Ранковце, а тоа освен за социјализација, треба да придонесе и за развој на наталитетот во општината.
Министерот Спасов најави дека во иднина ќе имаат и други проекти со кои ќе се подобрат условите во градинките и во училиштата, со цел да им се олесни животот на жителите во овие рурални места за полесно извршување на секојдневните обврски, а истовремено, за унапредување на воспитувањето на дечињата. - МТСП ја донесе и мерката за неплатено родителско отсуство, која на сите мајки ќе им овозможи дополнително тримесечно отсуство по користењето на платеното породилно отсуство, додаде тој.
Општина Ранковце брои 4.144 жители, а околу 700 од нив се млади лица до 18 годишна возраст. Во клонот на градинката полудневен престој ќе посетуваат 26 деца.