Неделата по христијанскиот празник Тодорова сабота, во кривопаланечкото село Конопница шеста година по ред се одржа возобновената народно-црковна манифестација „Невестинско поклонение“.Овој своевиден бренд на Крива Паланка, во црквата „Св. Теодор Тирон“ во Конопница собра стотици мештани, но и гости од републикава и од странство. Темелите на традициите кои датираат од 50-те години на минатиот век, послужија како основа за воскреснување на овој убав настан, кој овој пат го имаше своето шесто издание. Преданието вели дека сите девојки кои ќе се омажат меѓу две Тодорици, во невестинска традиционална носија, под рака со своите свекрви, му се поклонуваат на светителот за од него да се благословени со здрав пород.Тоа претставува дел од автентичното прославување на Тодорица, кој е празник на селото Конопница.
- Задоволство е да се видат плејада млади невести заедно со своите свекрви, облечени во автентични носии на нивните предци како се поклонуваат пред светецот Тирон, оживувајќи го обичајот и продолжувајќи ја традицијата. Радоста која ја носат со себе учесничките на овој настан придонесува за уште повесела атмосфера на манифестацијата која на едно место и денес собра голем број верници, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Тој додаде дека „Невестинско поклонение“ е културен бренд на општината, а интерес за учество пројавуваат и невести од регионот, како што рече, и надвор од грaницитe на Македонија.
Свештенослужителите ги благословија дванаесетте невести, а прочитаа и молитва за зајакнување на брачните врски.
На народниoт собир присуствуваа над три илјади верници од сите краеви на Македонија кои по водосветот и предавањето на кумството за селската слава се развеселија со звуците на традиционалната македонска песна. Оливер Арсовски