На локалитетот Плавица кој се наоѓа меѓу општините Пробиштип и Кратово австралиската компанија „Генезис рисорсис“ успеа да пронајде висок степен на злато. Од тон руда од овој локалитет би требало да се добиваат по околу 50 грама злато, со значително поголем процент на бакар и сребро.
Локалитетот Плавица, кој ги разделува двете општини Пробиштип и Кратово, во геолошките карти е познат по веќе утврдените рудни резерви на голем број атрактивни минерални суровини. Недалеку од теренот, на кој според најавата треба наскоро да биде отворен новиот рудник за благородни метали, веќе седум децении успешно работи најстариот македонски рудник за олово и цинк Злетово.
Најдобрите резултати од програмата која започна во 2012 година откриваат дека на три метри длабочина има 26,45 грама на еден тон, на два метри 50,1 грама на еден тон и 75,5 грама на еден тон сребро.
Дупчењето на овој локалитет кој започна на 28-ми март се фокусира на овие високи зони.
Утврдените резерви со злато, бакар и други елементи би овозможиле рудникот да има работа за најмалку дваесетина години.
Рударска историја овде е стара 3.000 години, па копањето и топењето на благородните метали, злато, сребро и бакар од овие простори не е нова вест. Според историските документи, интерес за откопување злато на овие простори покажале античките Македонци, а потоа Римјаните и турските освојувачи.
Во близина на Кратово биле пронајдени и златници, статери со ликот на Александар Македонски. Отворените рударски копови на планината Плавица од месното население и денес се именуваат како римски јами.
Рударството во овие краеви најголем развој имало во текот на 13 век со доаѓањето на познатите во тоа време германски рудари – Сасите. За краток временски период тие ги активирале старите рударски окна, но биле отворани и нови. Сасите го разработиле рударството, па во овој период овој крај бил познат по откопаните количини благородни метали: сребро, бакар, злато, но и по не така малата количина добиено олово. Важноста на рудниците од овој крај не била заборавена ниту по доаѓањето на турските освојувачи, кога во Кратово била отворена и првата ковачница за сребрени и за златни монети, познати како акчиња и алтуни.