Коњановски не размислува за фудбалска пензија
пишува: Оливер Арсовски
„Годините воопшто не ми пречат бидејќи сум во подобра кондиција сега отколку пред десет години кога бев капитен на кратовски Силекс. Овде во студената Шведска сум веќе три години го носам дресот на третолигашот Нордвармландс, клуб кој навистина нуди прекрасни услови на своите фудбалери. Клубот има два терена на кој ги игра своите натпревари, уште два за тренинзи, а сега кога дневните температури се -20 степени, се подготвуваме во голема спортска сала во која на располагање имаме сауна, џакузи и базен. Вакви услови нема ниту еден клуб на Балканот, а се работи за просечен шведски третолигаш. Сепак, за оваа сезона која започнува кон крајот на април, клубот има зголемени амбиции, а за таа цел доведени се двајца Црногорци и еден играч од Полска. Инаку, тренер ни е србинот Миливој Кнежевич, кој своевремено бил еден од најдобрите напаѓачи во Норвешка„, рапортираше од студената Скандинавија Александар Коњановски.
Иако многумина на возраст од 34 години размислуваат за пензионирање од фудбалските терени, кратовчанецот планира уште неколку години да остане активен.
„Оваа сезона дефинитивно ќе ја одработам во Шведска, но намерата ми е уште неколку години да останам на северот од Европа. Најмногу од финансиски причини, бидејќи она што ќе го заработам за една година во Македонија, овде го заработувам за два или најмногу три месеци. Мора да се мисли на иднината, па затоа останувам уште извесно време за да финансиски се обезбедам на подолг рок„, заклучи интернационалецот од Шведска.Инаку, Коњановски долги години го носеше дресот на Силекс, каде стаса и до капитенската лента, извесен период играше и за Милано, а последниве 4-5 години ги минува на северот од Европа, првин во исландскиот Фјардабиг, а последниве три години во Нордвармландс.