На неколку дена пред почетокот на најголемиот спортски настан годинава, светскиот фудбалски шампионат во Бразил, порталот www.aberdzija.com анкетираше тринаесет фудбалери од ростерот на новиот прволигаш Силекс од Кратово. Анкетата содржеше три прашања, кој ќе биде светски шампион, кој ќе стане најдобриот стрелец на шампионатот и која репрезентација ќе биде најголемото разочарување.
Дури осуммина фудбалери на Силекс се изјаснија дека првак ќе стане домаќинот на првенството, селекцијата на Бразил. Така мислат Ѓорѓиев, Велинов, Николов, браќата Насевски,Симов, Стојков и Петров. Втор фаворит е Шпанија, која доби три гласа од Јанев, Магловски и Павлов. Пановски смета дека Италија ќе стане првак, а Мандак верува во квалитетите на Аргентина. Интересно е што ниту еден од играчите не им дава ни најмала шанса на Португалија, Холандија, Уругвај или Франција.
Што се однесува до конкуренцијата за најефикасен стрелец на шампионатот, тука фудбалерите на Силекс беа разновидни во одговорите. Најмногу гласови доби Нејмар (И.Насевски, Велинов и Николов), пред Фернандо Торес (С.Насевски и Ѓорѓиев) и Суарес (Мандак и Симов), а по еден добија Балотели (Пановски), Фред (Јанев), Меси (Петров), Милер (Стојков), Клосе (Магловски) и Руни (Павлов). И тука интересна ситуација, играчи како Кристијано Роналдо, Ето, Агуеро, Виља не добија ниту еден глас.
На прашањето кој тим ќе биде најголемо разочарување на првенството, тројца (Велинов, Петров, Магловски) сметаат дека Франција веќе традиционално ќе потфрли, двајца (Пановски и Стојков) сметаат дека Англија ќе разочара, а по еден глас добија Аргентина (Ѓорѓиев), Холандија (Јанев), Португалија (Мандак), Италија (Николов) и Костарика (Павлов). Оливер Арсовски