
Ако недостига некој во составот на Силекс пред двомечот со Вадуц, тоа се браќата - близнаци Стефан и Момчило Рудан. Кулите - близначки летово си заминаа од редовите на Силекс, а деновиве се во исчекување на трансфер и разрешница околу нивната фудбалска иднина. Интерес за нив постои, а неофицијално и македонски прволигаши се заинтересирани за нивните услуги.
-Двете најубави години во досегашната кариера ги минавме во Кратово. Од Силекс и од градот носиме најубави спомени и имаме само најдобри зборови за нив. Сигурно некогаш повторно ќе се вратиме во градот, да се сретнеме со пријателите, да помуабетиме на фудбалси теми - велат браќата Рудан.
Иако се во Белград во исчекување на трансфер, Стефан и Момчило ги следат збиднувањата во македонскиот фудбал, во кој минаа успешни две години. -Нас не интересира и понатаму се што се случува во макфудбалот. Дознавме дека Вадуц ќе биде противникот на Силекс во еврокуповите и им ја посакуваме сета среќа на нашите соиграчи и стручниот штаб. Вадуц е фаворит само на хартија, а топката е округла и фаворитите не секогаш поминуваат - велат близнаците.
На прашањето дали повторно би заиграле за македонски клуб, Руданови немаат ништо против таква идеја.
-Квалитетот на фудбалот во Македонија е солиден, не би имале ништо против да заиграме за некј македонски клуб. Ние сме отворени за понуди, минавме две години во Македонија и нашиот квалитет е добро познат за тренерите и менаџерите на македонските прволигаши. Ако пристигне понуда, секако дека ќе ја разгледаме - велат браќата.
Белграѓаните го следат ЕП во фудбал и прогнозираат дека Шпанија ќе го освои првенството, а Рамос ќе биде најдобриот играч.