По само една сезона во второлигашката конкуренција, фудбалскиот клуб Силекс од Кратово експресно се врати во елитното друштво, каде претходно над 20 години непрекинато се натпреваруваше. Составот на Силекс во сезоната 2013-2014 важеше за второлигашки дрим-тим, со играчи кои имаат релативно висока цена на фудбалскиот пазар. Порталот www.aberdzija.com направи анализа на вредноста на играчите на Силекс според податоците на Трансфермаркет, најрелевантниот интернет портал за трансфери.
Во овој момент вредноста на целокупниот ростер на Силекс изнесува високи 2 милиони евра, што и не е така ниска сума за довчерашен второлигаш. Во меѓувреме цената на некои играчи дефинитивно ќе расте, дел поради одличната сезона што ја одиграа, а дел поради идниот настап како прволигаш.Во мигов, најскапи играчи на Силекс се Стојанче Велинов и Стојанче Насевски. И двајцата се проценети на 175.000 евра, со тоа што цената на Велинов допрва ќе расте поради одличните настапи во претходната сезона, додека вредноста на Насевски не може да се предвиди дали ќе расте или опаѓа поради повредата која не му дозволи сезонава да го покаже својот несомнен квалитет.
Високо вреднувани се и Мартин Петров, Иванче Насевски и Елмир Мандак, чија цена во моментов изнесува 150.000 евра. Веднаш по нив следува Бобан Мариќ со 125.000 евра, кој можеби малку е преценет, бидејќи имаше релативно лоша сезона зад себе. На 100.000 евра се проценети Ѓорѓи Марков, Стефан Магловски и Николчо Ѓорѓиев. По одличната сезона на Николчо Ѓорѓиев, кој буквално се истури од голови, очекуваме цената на Николчо Ѓорѓиев рапидно да расте и наскоро да се дуплира најмалку на 200.000 евра.
Сите останати играчи на Силекс, тука се мисли на Горан Симов, Томе Јанев, Влатко Коцев, Сашко Лазаревски, Александар Пановски, Горан Николов, Душан Павлов, Ангелче Тимовски, Кристијан Блажев, Филип Дурански, Роберто Стојков, Слаѓан Митевски и Дарко Миневски се движи околу 50.000 евра. Симов и Лазаревски се играчи со докажан квалитет, но поради зрелите години вредноста на пазарот им е мала. Од друга страна, за очекување е во следната сезона Коцев, Јанев, Тимовски, Павлов и останатите млади играчи да се докажат со своите игри и да ја зголемат вредноста на трансфер-берзата. Оливер Арсовски