Откако летото 2014 година дојде во редовите на Силекс, српскиот интернационалец Игор Недељковиќ, полека полека добиваше сè поголема улога во екипата. Таквото подобрување на игрите што ги прикажуваше доведе до тоа сезонава Недељковиќ да биде најдобар стрелец на кратовци и без сомнение еден од најзаслужните за тоа што екипата успеа да избори пласман во квалификациите од Европа лигата, каде што в четврток го игра првиот натпревар против тимот на Вадуц од Лихтенштајн.
Како што вели и самиот напаѓач, тој двомеч е најдобра награда за него и за неговите соиграчи за сите напори што ги вложија на теренот во изминатите две сезони, во кои Силекс се постави како тим што заслужува да биде дел од горниот дел на табелата во македонскиот фудбал.
„Презадоволен сум што успеавме да се избориме клубот да се врати во европските натпреварувања. Драго ми е што одиграв одлична сезона и му помогнав на тимот да дојде до овој успех. Тоа е најдобар начин да се заблагодарам за тоа што ми овозможија да напредувам и да покажам што знам и што можам. Најзаслужен за мојот напредок во овие две сезони е тренерот Момчило Митевски, кој во мене препозна квалитетен фудбалер и знаеше како да го извлече тој квалитет од мене, за разлика од претходниот тренер Зоран Штерјовски. Токму Митевски беше веројатно најзаслужниот за тоа што го постигнавме. Сега посакувам со најмалку еден гол против Вадуц да му се оддолжам на клубот за довербата“ – вели Недељковиќ.
Првенствените и куп натпреварите, дербијата со традиционалните ривали, имаат своја драж за фудбалерите, но ретко која средба од домашниот фудбал носи возбуда како настап во европските купови. Не случајно, затоа што токму овие дуели се можност за фудбалерите да блеснат на поширока сцена и со добар настап во еден или неколку средби да ги покачат своите фудбалски реноме и цена.
„Без оглед на тоа што противникот е од можеби не толку фудбалски атрактивна земја, како што е Лихтенштајн, ова се дуелите за кои се живее, кои се желба на секој млад фудбалер кога ја почнува кариерата. Затоа е јасно зошто сите во тимот сме навистина возбудени и едвај чекаме да почне натпреварот. Еуфоријата постои, но само како позитивна трема. Во ниту еден момент не сакаме да полетаме, да не понесе атмосферата и да имаме не знам какви очекувања. Свесни сме дека Вадуц е квалитетен тим, веројатно и посилен од нас. Затоа сметам дека не сме во состојба да ветуваме сигурен пласман во следната рунда. Можеме само да ветиме дека ќе пружиме максимум на двата дуела затоа што за нас е чест и самото учество во еден ваков двомеч и што со тоа полека го враќаме Силекс таму каде што му е местото“ – вели Недељковиќ.
http://sport.com.mk/default.asp?ItemID=0D36A7B0A9FD6244B86B3DC20E85A812