На 12, 13 и 14 Јуни во салата „Јордан Мијалков“ во Штип ќе се одржи Европско првенство во сумо борење во организација на македонската сумо федерација на чело со претседателот Виктор Богданов. По одлука на европската сумо федерација оваа година овој спортски настан од европски ранг ќе се одржи во Република Македонија во градот Штип. Веќе 5 години постои сумо федерација во Македонија на која членуваат 5 клубови, но сеуште кај нас овој спорт важи за нешто ново и нереално.
На 12 Јуни ќе се одржат мерењата и основните подготовки на учесниците додека на 13 започнуваат борбите и свеченото отворање кое ќе биде во 13 часот и 30 минути, а на 14 ќе бидат финалните борби и доделувањето на медалите. Ќе има повеќе категории како по возраст така и по телесна тежина, но уште поинтересно е што оваа година ќе има и натпреварувачки во женска конкуренција. Ваква манифестација за првпат се одржува во Македонија и не треба да се пропушти. Се покануваат сите граѓани да го проследат овој настан, влезот за натпреварот е слободен.