Селекторот Љубинко Друловиќ се одлучи во последен момент за ново име на голманската позиција. Повикан е поранешниот голна на Силекс, а сегашен на Работнички, Даниел Божиновски, кој имаше одлични изданија против Трабзонспор, а и претходно против Флора и Јелгава во квалификациите за Лигата на Европа, Тој ќе им се приклучи на Томе Пачовски и на Столе Димитриевски како голманско трио за овие два квалификациски меча.
„Селекторот одлучи да ги повика Крсте Велкоски и Даниел Божиновски како дополнителни имиња на списокот. Знаете дека Јован Костовски е повреден, на негово место е повикан Крсте Велкоски, а на голманската позиција како трета опција е и Даниел Божиновски. Засега тоа се новите имиња, иако можеби ќе има и уште некое ново име, но прво да го проследиме настапот на Работнички против Рубин Казан во ЛЕ. Останува и ставот дека Иван Тричковски е подготвен за враќање во репрезентацијата, но синоќа имавме разговори со него, тој не е во најдобра физичка кондиција и ќе остане да работи во Легија Варшава за да се врати во полн натпреварувачки ритам. Но, за следните репрезентативни собири тој е согласен да настапува повторно за македонскиот национален тим“, вели менаџерот на А-репрезентацијата, Саша Ќириќ.