Во вонредното 25. коло од ПМФЛ тетовска Шкендија со хет-трикот на Ибраими успеа да го совлада тимот на Силекс со 3-1 (2-1), со што му возврати за тешкиот пораз од 3-1 во нивниот прв дуел.
На денешниот дуел кој се одигра на „Чаир“, во 5. минута резултатот го отвори напаѓачот на Шкендија, Бесарт Ибраими со одлично изведен слободен удар од 25 метри. Три минути подоцна „црвено-црните“ поведоа со 2-0, а стрелец повторно беше Ибраими. Гостинската екипа преку Игор Недељковиќ во 41. минута успеа да намали на 2-1, резултат со кој се замина на одмор.
Во вториот дел не можевме да проследиме квалитетен фудбал, но повторно можевме да видиме инцидент, овој пат предизвикан од навивачите на Шкендија, Балистите, кои навиваа на национална основа, по што следеше неколку минути прекин на мечот. И кога се очекуваше натпреварот да биде завршен, Ибраими во 9. минута од судиското продолжение го постигна конечниот резултат од 3-1.
