Кратово деновиве живее за фудбалот, утре започнува пролетната полусезона, а кратовци ќе ја имаат таа чест први да го нагостат милионскиот состав на Вардар. Атмосферата е вжештена до максимум, бидејќи утре во Кратово ќе пристигне капитал вреден 10 милиони евра, колку што е проценетата вредност на ростерот на Вардар според специјализираниот портал „Трансфермаркт“. Скромниот состав на Силекс, кој во есенската сезона докажа дека и со мал буџет може да се биде на чекор до големите, е наострен да покаже дека милионите не играат на терен, туку желбата, борбеноста и ангажираноста.
-Свесни сме дека утре ќе се соочиме со еден европски Вардар, кој донесе многу звучни и скапи имиња. Но, не се плашиме од никого. Ако моите играчи ги исполнат тактичките задачи и ги неутрализираме нивните адути, ќе покажеме дека не случајно се наоѓаме на четвртата позиција - вели стратегот на кратовци Зоран Штерјовски.
Мал хендикеп за домашниот состав ќе биде фактот дека зимава кратовци одржаа само еден тренинг на стадионот во Кратово. Реновирањето на соблекувалните, како и лошите временски услови ги натераа кратовци секој ден да патуваат до соседниот Пробиштип. Од друга страна, влажниот и мек терен во Кратово очекуваат да биде нивен адут, затоа што на таков терен не може да дојде до израз квалитетот на силниот противник. Дека „црвено-црните“ сериозно ја сфатиле работата, говори податокот дека во Кратово ќе допатуваат ден порано, за да одржат еден тренинг и да одморат подолго во недела.
Филип Ивановски има дадено три гола во дуелите против Силекс во дресот на Вардар. Тој е најдобриот стрелец од сегашниот играчки кадар во мечевите против кратовскиот тим. Во месец мај 2012 година постигна два гола на гостувањето во Кратово со кои нашиот тим успеа да дојде до победата и до шестиот шампионски пехар. Претходно во септември 2011 година на домашен терен Ивановски стрелаше во 18. минута за 2:0, а Вардар исто така стигна до победата.
„Драго ми е што кога ќе дадам гол против Силекс, Вардар победува. Се надевам дека така ќе биде и утре“, вели Ивановски. Дуелот во Кратово пред три години беше и последниот кој голгетерот го одиграл на тој стадион. „Тоа беше последниот меч, и од тогаш до сега не сум гостувал. Меѓутоа тој меч ќе ми остане во долго сеќавање. Добро знам дека беше тешко, дадов два гола и тогаш дефинитивно ја потврдивме шампионската титула. Сега не можеме да ја потврдиме титулата, ама можам и посакувам да се повтори тој меч и да постигнам два гола. Впрочем, тоа не е толку важно колку што е важно Вардар да победи“, рече Вардаровиот „бомбардер“.