Кога играат Силекс и Брегалница, адреналинот е покачен до максимални граници. Така беше и вчера, на дуелот кој го доби епитетот дерби на Истокот. Многу набој и искри на теренот, динамична игра и огромна желба да се слави во големото дерби. Овојпат, како победници излегоа фудбалерите на Силекс, кои беа за нијанса подобри, или подобро кажано, беа поснаодливи во мечот со многу шанси за гол. А имаа и еден огромен мотив, да ја прекинат низата на Брегалница од 16 мечеви без пораз.
Токму првата таква шанса на крајот се покажа како одлучувачка што се однесува до победникот на мечот. Се играше втората минута од мечот, кога по една долга акција со многу додавања, кратовци ја фатија на спиење гостинската одбрана и стигнаа до водство. Стрелец на голот, втор во новата фудбалска сезона, беше поранешниот играч на Брегалница, Николчо Ѓорѓиев.
Раното водство на Силекс како да гу збуни гостинските играчи, кои триесеттина минути не се заканија кон голот на Митровиќ. На кратовци им одговараше ваквиот развој на настаните, па најчесто се обидуваа со удари од далечина, како оној на Мицков во 34-та минута кој заврши малку над голот.
Идеална прилика за гол пропушти Дурански во 40-та минута, кога Захов боксуваше по ударот на Пановски, а Дурански од петнаесеттина метри не го погоди голот.
На истекот на првиот дел повторно Пановски имаше одлична можност за гол, но и оваа шанса отиде во неврат.
По анемичното прво полувреме, гостинските фудбалери се разбудија во вториот дел и одиграа далеку подобро. Шанса за израмнување пропушти Ристовски во 48-та минута, кога идеално беше проигран од нововлезениот Нацев, по што излезе очи в очи со Митровиќ, но упати за малку непрецизен удар.
На спротивната страна идеална можност пропушти Недељковиќ, кој филигрански прецизниот центаршут на Тимовски не успеа да го претвори во погодок. Истиот играч уште еднаш се најде во идеална прилика за гол, излезе сам пред голманот Захов, но упати удар покрај дирекот. Недељковиќ имаше и трета извонредна можност кога излезе малку откосо сам пред гостинскиот гол, но неговиот удар и по трет пат заврши крај дирекот.
Во остатокот на мечот гостите фрлија се на една карта, но не успеаја да создадат идеална прилика за гол. Имаа неколку слободни удари во зоната на шут, но Здравков немаше свој ден, што ги чинеше минимален пораз. О.Арсовски