Ниту најголемите оптимисти во редовите на Силекс не очекуваа дека кратовци по пет кола ќе се најдат на делба на лидерската позиција, без ниту еден пораз. Четата на Зоран Штерјовски без поголеми проблеми го совлада составот на Тетекс, а се чини патот кон победата беше трасиран по само 80 секунди игра, кога Емир Адем непромислено и грубо стартуваше врз Дурански и сосема заслужено судијата Мантев го испрати во соблекувална.
Вишокот на теренот на експресен начин го искористи Пановски со два рани погодоци. Првиот во 15-тата минута на асистенција на Тимовски, а вториот 9 минути подоцна по одличното додавање од Тодоров. Надежта на гостите ја врати Божиновски со сигурна реализација од белата точка.
Точка на мечот стави напаѓачот Ѓорѓиев во 53-тата минута, по асистенција на Тодоров. До крајот на мечот тетовци немаа сили за пресврт, а домаќините пропуштија 4-5 стопроцентни прилики да ја наполнат мрежата на Манчевски. О.Арсовски
Зоран Штерјовски
Знаевме дека ова ќе биде тежок натпревар, но олеснителна околност за нас беше раното исклучување на Адем. Тоа го искористивме на најдобар начин и постигнавме рано два погодока. Примивме гол од пенал, кој малку психолошки не разниша, па затоа тргнавме порезервирано во вториот дел. Чекавме шанса со трет погодок да го затвориме мечот, тоа се случи со погодокот на Ѓорѓиев. Потоа рутински го приведовме мечот во мирна завршница.
Добринко Илиевски
Тешко е да искоментира натпревар кој почнува со играч помалку уште во втора минута. Победата на Силекс е наполно заслужена, во текот на целиот меч беа доминантни, што се должи на нивниот квалитет, но и на играчот повеќе што го имаа на теренот. Во миговите кога можевме да се вратиме во игра, не искористивме една-две прилики и потоа Силекс ја завери победата.