Недела, 14.00, жешко кратовско попладне. Стратегот Зоран Штерјовски ги дели последните совети пред тргнување за Скопје, се разработуваат тактички замисли, се кове план како да се урне големиот Металург. Самодовербата е на високо ниво, ако Силекс успеа да го легне на плеќи вицепрвакот Хоризонт, зошто да не може фаворизираниот Металург. Ланската машина за голови Николчо Ѓорѓиев капитенски порача дека ќе се разбуди на овој меч и ќе ја затресе мрежата на репрезентативецот Ефремов. Речено - сторено.14.30, температура над 30 степени, минибусот без клима, реки пот се слеваат низ челата. Малку негодувања од страна на Велинов и Ников, ама тоа не може да ја наруши добрата атмосфера пред мечот.
16.00. Не пречека велелепниот комплекс на ФФМ, со четири терени, покриена трибина, вештачка трева, нови соблекувални. Услови какви што секој клуб треба да има за да оди фудбалот напред. На малата трибина не пречекаа кратовци, колку да се знае дека Силекс секаде има поддршка. Дамјан, Даниел, Орце, Орце јуниор, Маја... Нестрпливо се чека стартот на мечот. Конечно, 17.30, се слушна свирчето на Јосип Бартон. Силекс со истиот состав од минатата недела, Металург без Симоновски во составот. Зелениот тепих рамен како тепсија, но температурата неподнослива. По првичното испитување на силите, во својата прва прилика, „металурзите“ поведоа. Митрев изведе корнер на pоблискиот дирек, а таму небесен скок на екс-силексовецот Лескаровски доволен за раnо водство на скопјани. Бележиме 19-та минута. Ама јунаците на мака се познаваат. Силекс тргна силовито во бркање на дефанзивата и само пет минути подоцна капитенот Ѓорѓиев си го одржа ветувањето. Брзоногиот Тимовски побегна по десната страна, одлично нафрли на пеналтикот, а таму Ѓорѓиев рутиски, ниско по земја, го совлада Ефремов.
Иако спарно, првото полувреме донесе динамичен фудбал со уште неколку шанси кои останаа нереализирани. Во вториот дел се играше попретпазливо, се до 70-тата минута кога Дурански по еден преостар старт заработи втор жолт картон и исклучување. Во меѓувреме, Штерјовски и Здравков ги внесоа во игра свежите Јаков, Мијатовиќ и Костовски, кои успеваа да ја неутрализираат играта на бројчано надмоќниот Металург. Во тие дваесеттина минути тимот од Автокоманда успеа да создаде само една зрела шанса, која Ников успеа да ја одбрани.
Конечно, се слушна и последниот судиски свиреж на судијата Бартон, на теренот славје кај играчите во „црвено-сина“ комбинација. Освоен е бод вреден како три, против тим кој летово одигра три евроквалификациски рунди и го прегази шампионот Работнички на гости.
Со преполовен број патници, минибусот тргна за Кратово, а најеуфорични беа секогаш гласните Велинов и Ников. Имаше песна, ама се коваше и тактика како да се продолжи серијата добри настапи. Следен противник е Ренова, триумф ќе значи почеток на сезоната од соништата, но и полни џебови. А фудбалот се игра и за задоволство, но уште повеќе за пари. Е па, со среќа!!!
1 | ФК ВАРДАР АД | 2 | 2 | 0 | 0 | 6 | ||
2 | ФК МЕТАЛУРГ АД | 2 | 1 | 1 | 0 | 4 | ||
3 | ФК СИЛЕКС АД | 2 | 1 | 1 | 0 | 4 | ||
4 | ФК РЕНОВА АД | 2 | 1 | 1 | 0 | 4 | ||
5 | ФК БРЕГАЛНИЦА 2008 АД | 2 | 1 | 0 | 1 | 3 | ||
6 | ФК ПЕЛИСТЕР АД | 2 | 1 | 0 | 1 | 3 | ||
7 | ФК ШКЕНДИЈА АД | 2 | 1 | 0 | 1 | 3 | ||
8 | ФК ТЕТЕКС АД | 2 | 0 | 1 | 1 | 1 | ||
9 | ФК ХОРИЗОНТ ТУРНОВО АД | 2 | 0 | 0 | 2 | 0 | ||
10 | ФК РАБОТНИЧКИ АД | 2 | 0 | 0 | 2 | 1 | -4 | 0 |