Денес (16 ч. Гостивар) фудбалерите на Шкеднија и Силекс ќе го одиграат натпреварот од претпоследното коло на фудбалксиот шампионат, во кој и двата тима изборија излез на евро-сцената, што за кратовци е огромен успех, но истото не може да се каже за домашниот состав, кој атакуваше на титулата, но најверојатно ќе остане без неа. Но, тетовци наскоро ги очекува финалето на Купот и пресметката со Работнички, па за очекување е денес Шкендија да не форсра многу, да чува дел од играчите како ведетите Хасани и Ибраими, за да не заработат повреда на лошиот терен во Гостивар. Од друга страна, и кај кратовци не цветаа рози, затоа што Дурански има картони, а Мицков и Глигоров ќе отсуствуваат поради повреда.
-Мечевите со Шкендија не се обични мечеви, тие се секогаш голем предизвик за нас. Ние ќе се обидеме да одиграме максимално на последните два меча од првенството и сезоната да ја завршиме во голем стил. Со максимално залагање, нема да биде изненадување ако денес оствариме позитивен резултат против реномираниот противник - истакна стоперот Немања Иванов, кој во претходното коло ја тресеше мрежата на Вардар.
Дејан Јакимовски ќе биде на центарот на мечот во Гостивар. Далибор Ѓорѓевски ќе ја дели правдата на неделниот меч на Вардар против Шкупи во Пробиштип, каде и теоретски може да го добиеме шампионот на Македонија. Ќе му помагаат Орце Стефановски од Кратово и Мартин Петковски од Куманово.
Во останатите мечеви од 31. коло на плеј-офот Фатон Мустафи ќе го води мечот помеѓу Брегалница и Работнички, Александар Ставрев ќе го води клучниот плеј-аут натпревар за избегнување на баражот помеѓу Ренова и Хоризонт Турново, а Мечкаровски ќе биде на центарот за мечот Металург - Младост Царев двор.