Прволигашки „камбек“ од соништата имаа фудбалерите на кратовски Силекс, откако вчера убедливо го совладаа на домашен терен амбициозниот состав на Хоризонт Турново. Двата погодока, по еден во двата дела, го искачија Силекс на врвот на табелата, па макар тоа било по само едно коло. Околу петстотини домашни навивачи дојдоа да го видат на дело новиот состав предводен од тренерскиот тандем Штерјовски – Здравков, и задоволни го напуштија стадионот.
Во првата третина од мечот немаше речиси никакви возбудувања на теренот, освен по еден непрецизен удар од страна на Велинов кај домаќините и Ѓорѓиев кај гостинскиот тим. И кога најмалку се очекуваше, на осум минути пред полувремето, падна водечкиот погодок за Силекс. Тодоров луцидно го проигра во празно брзоногиот Пановски, а овој во трк од петнаесеттина метри го лобуваше истрчаниот голман Димовски.
Без многу возбудувања, се замина на полувреме со минимална предност за кратовци.
Првата прилика во продолжението ја имаше Велинов во 56-тата минута, но Димовски одлично одбрани. Одлична можност за израмнување пропушти бугарскиот интернационалец Харизанов во 63-тата минута, кога на асистенција на Ѓорѓиев го здрма дирекот на одличниот голман Ников.
Во вториот дел се заостри играта, а главниот судија Александар Ставрев почна се почесто да се фаќа за џебот. Клучем момент беше вториот жолт картон за Харизанов и исклучувањето во 68-та минута, по преостриот старт над Тимовски.
Вишокот од еден играч кратовци на експресен начин го искористија. Само две минути подоцна Велинов влезе во шеснаесетникот, мајсторски го заобиколи Димовски и малку откосо пласираше во небранетата мрежа.
Во остатокот на мечот кратовци го препуштија поседот на топката на гостинските фудбалери, но умешно го чуваа својот гол, не дозволувајќи да ја доведат победата во прашање. О.Арсовски
Змија предизвика прекин на мечот
Второто полувреме во Кратово започна со 4-5 минутно задоцнување, поради еден бизарен момент на зелениот терен. Змија со должина од 30-40 сантиметри влета на теренот и се чекаше неколку минути да се најде јунак кој ќе ја изнесе надвор од теренот. Откако реагираа редарите, змијата го напушти теренот и дозволи Ставрев да означи старт на вториот дел.
Голови...
1-0 37’Одлична акција на Тодоров која на најдобар начин ја искористи Пановски и со лоб удар од работ на шеснаесетникот го матираше Димовски
2-0 70’Велинов силовито тргна кон противничкиот гол, побегна на своите чувари, го мина и голманот Димовски и од левата страна пгоди за конечни 2-0.
Зоран Штерјовски
Императив беше да се победи во овој натпревар и малку под притисок влеговме во мечот.Не создадовме многу шанси на мечот, чекавме грешка на противникот и на најдобар начин ја искористивме. Во вториот дел игравме многу внимателно и со уште еден погодок по одлична акција ги поставивме конечните 2-0. Им честитам на моите играчи за залагањето.
Шефки Арифовски
Можам да кажам дека победи посреќниот противник, затоа што ние во поголемиот дел од мечот доминиравме на теренот. Според играта на теренот, резултатот е превисок во корист на Силекс. Имавме проблеми во последната линија на тимот, а дополнителни проблеми ни создаде исклучувањето на Харизанов во миговите кога се обидувавме да се вратиме во мечот. Во секој случај, честитки за победата на домаќинот.