Силекс претплатен на нерешено
Ниту во третата контролна средба одиграна на брегот на Охридското езеро, фудбалерите на Силекс не успеаја да стигнат до првата победа. Кратовци како да се претплатени на нерешени резултати, откако на сите три пријателски средби одиграа мирољубиво, без да го одлучат победникот. Завчера и српскиот второлигаш Пролетер од Нови Сад се покажа како извонредно тврд противник кој знаеше да им парира на кратовци и да извлече реми без голови. Претходно и кичевски Напредок одигра без голови, додека единствениот гол на последните три контролни средби кратовци го постигнаа на дуелот со Металург.
„Можеби малку загрижува неефикасноста на последните три средби, бидејќи навистина премалку е да се реализира само една шанса од многуте кои ги создадовме на овие три средби. Ќе повторам дека резултатите се во втор план, но и ќе посочам дека дуелите со Напредок и Пролетер ги одигравме на каллив терен на кој беше невозможно да се контролира топката, а камоли да се изгради посериозна акција. Јас конечно се вратив на зелениот терен по ситната повреда која ја заработив пред 7-8 дена, а наскоро кога ќе ни се приклучат напаѓачите Заревски, Марковски и Андонов, се ќе си дојде на свое место и нападот сигурно ќе проработи„, вели новопечениот македонски репрезентативец Глигор Глигоров.
Фудбалерите на Силекс продолжуваат со тренинзите на СЦ „Билјанини извори„ во исчекување на следната контролна средба закажана на 17 февруари против второлигашот Дрита. Сепак, од клубот велат дека се прават напори претходно да се обезбеди барем уште еден спаринг-партнер, бидејќи до таа средба има „луфт„ од цели 6 дена.