gogo

A+ R A-


Силекс - Ренова 1-0 (ВИДЕО)

altГол...

1-0 23Дурански одлично уфрли во празно, при што Недељковиќ беше побрз од голманот Незири и прв стигна до топката. Притоа Незири интервенираше невнимателно и го собори напаѓачот на Силекс, по што Ставрев без размислување покажа на белата точка. Сигурен од белата точка беше Недељковиќ.

 

И по четири прволигашки кола, се уште не се најде тим кој ќе му зеде скалпот на прволигашот од Кратово. Ниту Ренова не мина подобро од претходните противници на Силекс, затоа што претрпе минимален пораз на жешкиот терен во Кратово. Колидерската позиција со Вардар ги крева апетитите во редовите на Силекс, веќе ретко кој размислува за борба за опстанок, сега погледите се свртени кон врвот. Поткрепа за ова тврдење е зрелата игра која ја демонстрираат избраниците на Јаковљевиќ и Здравков, игра со која се меле противникот преку пресинг на секоја педа од теренот. А откако ќе се постигне водечки гол, на сцена стапува најдобрата одбрана во лигата, која не дозволува ниту „пиле да прелета“ во сопствениот шеснаесетникот.
Така беше и вчера, кратовци тргнаа внимателно, чекајќи трпеливо кикс на противникот. По мирните и невозбудливи дваесеттина минути, тргна еден контранапад преку Дурански, кој упати употреблива топка кон Недељковиќ. Иако беше многу подалеку од топката во однос на голманот Незири, можеби најбрзиот играч во македонското првенство со невиден спринт успеа да стигне прв до топката и да изнуди прекршок над него. Судијата Ставрев, кој вчера имаше маестрална арбитража, покажа оправдано на белата точка, а на Незири му покажа жолт картон. Иако непишано правило е играчот над кој е направен пенал да не ја изведува најстрогата казна, тоа не го спречи Недељковиќ самоуверено да ја испрати топката во долниот лев агол на Незири за голема радост на трибините.
По негативата од еден гол, гостите се разбудија и во следните петнаесеттина минути имаа три зрели прилики за гол. Прво Муслиу со глава упати непрецизен удар од десеттина метри, а речиси идентична прилика имаше и Мециновиќ, кој исто така беше непрецизен.

 

Најубавата можност за израмнување ја имаше Емини во 38-та минута, кога излезе сам пред Митровиќ, но голманот на кратовци се постави одлично и му го одбрани ударот.
На истекот на првото полувреме Недељковиќ се обиде од мртов агол, но голманот Незири ја скроти топката.
И во вториот дел Ренова беше таа која имаше поголем посед на топката, создаваше и повеќе прилики за гол, но пред себе имаше една непремостлива пречка, а тоа беше голманот Митровиќ.
Понекогаш кратовци имаа и среќа, како во 52-та минута кога Мемеди одлично нафрли, а Емини од идеална позиција со глава го утна голот. И Рамадани во 70-тата минута се посрамоти од само десетина метри, не успеа да го пронајде патот до мрежата, иако беше осамен пред домашниот гол.

 

На големи маки беше Митровиќ кога Мојсов од 25 метри упати бомба, а голманот на кратовци успеа некако да ја скроти топката која одеше под пречка.
Иако дефанзивно ориентирани, кратовци се обидуваа преку контранапади да го дотолчат противникот. Тоа за малку ќе им успееше на 15 минути пред крајот, кога Ѓорѓиев успеа да го мине голманот Незири, но откосо не успеа да го погоди празниот гол на „гипсарите“.
Последниот обид да стигнат до бод гостите го имаа во 87-та минута, но Митровиќ повторно одлично интервенираше по незгодниот удар на Емини.     О.Арсовски


Гордан Здравков

Честитки за моите фудбалери за прикажаната игра и освоените бодови. На мечот со Ренова очигледно беше дека не стигна заморот, особено во второто полувреме. Гостите прикажаа одличен фудбал и не заслужија да бидат поразени, но фудбалот е таков и бодовите ќе мора да ги бараат на некој друг натпревар.
Ќатип Османи

Мислам дека во поголемиот дел од мечот Ренова ја имаше иницијативата и создаваше повеќе шанси за гол. За жал, Силекс искористи една наша грешка во одбраната и стигна до погодок кој им донесе три бода. Не сум задоволен од играта и резултатот, но забележливо е дека формата на моите играчи оди во вагорна линија и наскоро очекувам подобри резултати.

Повеќе во утрешното издание на Македонски спорт

alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.