gogo

A+ R A-


Силекс со одличен распоред во третиот круг

Бергер му донесе среќа на Силекс

пишува - Оливер Арсовски

Двете гостувања во Тетово се минато, но анализите кои деновиве се прават во таборот на Силекс покажуваат дека кратовци можеа и требаше да остварат подобар ефект. Пораз од лидерот Ренова и реми со амбициозниот Тетекс, тоа е резимето од претходните две кола, но сепак кратовци треба да жалат што не дојдоа барем до три бода од овие два меча, бидејќи и на двата имаа водство кое не успеаја да го задржат. Можеби клучни моменти на двете средби беа непотребните исклучувања на Златко Бошковски и Благојче Марковски, што беше причината поради која кратовци играа бункер во вторите 45 минути.

„Сосема непотребно, да не кажам за глупости ги добив двата жолти картони. Сепак, сметам дека престрого бев исклучен од главниот судија Димитар Мечкаровски, бидејќи првиот картон го добив откако противнички играч ја промаши топката и таа ме удри по рака, без намера да играм со неа. Вториот картон не го добив затоа што сум мислел дека се наоѓам во офсајд и сум ја собрал топката со рака, туку затоа што топката лошо отскокна од нерамниот терен, а јас рефлексно реагирав со раката и буквално ја собрав во воздух. Секако дека исклучувањето влијаеше врз нашата игра и принудната дефанзивна тактика во вториот дел, но што да се прави, грешките се составен дел од играта“, вели поцрвенетиот напаѓач на кратовци Благојче Марковски. Иако Силекс во минатите три кола (во последното беше слободен), освои само еден бод, сепак лошите резултати на конкурентите му овозможија да ја задржи петтата позиција на табелата која им донесе извонреден распоред во третиот круг.

„Она што е најважно за нас е дека петпати ќе играме дома, а четирипати ќе гостуваме. Имаме противници по мерка на домашен терен кои може да се совладаат. Првите две средби ги играме дома со Милано и Победа и ако триумфираме, првенството можам да кажам дека е завршено за нас, барем што се однесува до обезбедување на директен опстанок во лигата“, заклучи Марковски, кој поради суспензија ќе го пропушти дуелот со Милано во недела.

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.