gogo

A+ R A-


Силекс - Вардар 0-3 (ВИДЕО)

Ништо ново на дуелите во Кратово меѓу старите ривали со многу трофеи во клупските витрини, барем што се однесува на нивните меѓусебни дуели во последните пет години. Нов пораз на кратовци и уште еден триумф за вардарци во меч што не одушеви никого на трибините во Кратово. Се чини дека „црвено-црните“ одиграа толку колку што им беше потребно за уште една рутинска победа, иако може да се заклучи дека резултатот воопшто не одговара на прикажаната игра на теренот. Не беа кратовци толку инфериорен противник за да загубат со високи 0-3, ниту, пак, скопјани одиграа феноменален меч за да резултатски го декласираат противникот. Како и да е, играта нема да се памети, остануваат само бодовите, а тие овојпат завршија на контото на Вардар.
Како што се и очекуваше, кратовци мечот го започнаа во една прилично затворена варијанта, со само еден напаѓач и со досега стандардниот Ѓорѓиев на клупата за резервни играчи. Уште во првите дваесеттина минути се виде определбата на кратовци да ги затворат приодите кон голот и да атакуваат преку брзи контранапади. Вардарци тоа не знаеја да го казнат, иако имаа три сериозни можности да дојдат до водство. Првин Љамчевски се обиде во десетата минута од работ на шеснаесетникот, но ударот заврши крај дирекот. Шест минути подоцна повторно Љамчевски е во главна улога, овојпат од многу поблиску не успеа да го совлада Митровиќ. Најубавата можност за рано водство на гостите ја пропушти Ивановски по една мешаница во петерецот на Силекс, кога се сплетка и не успеа да реализира. По трите нереалзирани прилики за гостите, на спротивната страна возврати Недељковиќ, но и неговиот удар беше непрецизен.
Иницијативата на актуелниот првак резултираше со водечки погодок во 29-тата минута, кој слободно може да се каже дека беше на работ на регуларноста. Вардарци изведоа слободен удар, Љамчевски одигра повратна топка на петерецот, таму натрча Мијушковиќ и упати удар по средината на голот. Голманот Митровиќ се фрли и се чини дека успеа на самата гол-линија да спречи погодок, но се слушна свирчето на главниот судија Мустафи, кој го послуша линискиот судија Стојанчевски и покажа на центарот. Жолчни беа реакциите на кратовци, се жалеа дека линискиот судија бил 3-4 метри пред гол-линијата и не можел да види добро, но Мустафи остана на првичната одлука и го призна водечкиот погодок на Вардар.
Водството на Вардар ги налути кратовци, па тргнаа во силовити напади за да ја анулираат негативата од еден гол. Убава можност за израмнување пропушти Дурански по асистенцијата на Ацевски, но ударот со глава заврши крај дирекот. Се чини дека клучен момент од кој зависеше понатамошниот тек на мечот беше 45-тата минута, кога арбитарот Мустафи дефинитивно погреши кога стартот над Мицков не го санкционира со удар од белата точка.
Сепак, кратовци можеа на полувреме да заминат со нерешен исход, но Недељковиќ иако излезе очи в очи со Пачовски, реагираше бавно и беше изблокиран од гостинската одбрана.

Иако домашната публика очекуваше кратовци да заиграат далеку поамбициозно во вториот дел, сепак такво нешто не се случи бидејќи ги „олади“ вториот погодок на Хамбарџумјан. Ерменецот Дашјан изведе извонреден слободен удар, како со далечинско го погоди во глава Хамбарџумјан, кој од десеттина метри го совлада Митровиќ.
По вториот погодок спласнаа надежите на кратовци дека може да стигнат барем до бод, иако Дурански во 82-тата минута можеше да донесе далеку понеизвесна завршница на мечот доколку погодеше од идеална шанса. И кога веќе публиката полека го напушташе стадионот, нововлезениот Асани направи мало ремек-дело и на прекрасен начин ја затресе мрежата за конечни 0-3.   О.Арсовски

 Кратовци 13 меча без победа против Вардар

Проклетство се надвиснало над кратовци на мечевите против Вардар. По последниот триумф во 2010-та година, оттогаш цели пет години или 13 меча составот од Кратово нема триумф над „црвено-црните“. Слична црна серија од 12 меча без триумф кратовци имаат и против Шкендија. Очигледно е дека кратовци имаат уплав од „црвено-црната“ боја.

Гол...

0-1 29’Асистенција на Љамчевски со глава, по која Мијушковиќ откосо упати удар кој не ја затресе мрежата на Митровиќ, но по мислење на судиите топката ја минала гол-линијата.

0-2 66’ Дашјан нафрли од слободен удар, а Хамбарџумјан од пеналтикот со глава ја затресе мрежата на домаќините

0-3 84’ Асани покажа фудбалска мајсторија и со одмерен удар од 15 метри под пречката стави точка на мечот

Момчило Митевски

Честитки на Вардар за победата. Сметам дека првиот гол го примивме по сомнително досуден прекршок и уште посомнителна ситуација на гол-линијата, која судијата ја окарактеризира како погодок. Потоа сметам дека сме оштетени за очигледен пенал на крајот од првото полувреме. На ваков кавлитетен Вардар сметам дека судиска помош воопшто не му е потребна.
Гоце Седловски
Честитки за играчите од двата табора за еден коректен и фер натпревар што го одиграа. Победата сосема заслужено ни припадна нам, бидејќи прикажавме повеќе на теренот. Задоволен сум од моите играчи, иако ритамот на натпревари среда – недела предизвика замор и повреди во составот.

alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.