Милано мора да падне
пишува - Оливер Арсовски
Соседското дерби меѓу Силекс и Милано ќе биде одлична можност за кратовци да започнат нова победничка серија. Бергеровиот систем сакаше кратовци да започнат дома со Милано и Победа, противници кои се како скроени за освојување на шест бодови и отстранување на сите грижи околу прволигашкиот статус. Голем оптимист во пресрет на овој меч е стоперот Мартин Петров, кој се надева дека кратовци нема да имаат големи проблеми да го совладаат противникот.
„Далеку поквалитетен состав имаме од кумановци и тоа би требало да го покажеме на зелениот тепих. Тие навистина се консолидираа во зимскиот преоден рок, но далеку се од екипа која може да не загрози на наш терен. Можеби звучи преоптимистички, но убеден сум дека ќе ги испратиме со две-три парчиња во мрежата“, вели Петров.
Нешто поумерен во изјавата е бекот Даниел Лампевски, кој повикува на голема внимателност бидејќи е најтешко да се игра со противник кој нема никакви натпреварувачки амбиции и игра растоварен.
„Од нашиот стручен штаб го следеа натпреварот од минатото коло во кој Милано извлече нерешен резултат против реномираниот Металург. Оценките се дека Милано не е тим кој треба да се потцени и да сметаме дека лесно ќе го совладаме. Ние есеноска двапати ги демолиравме со 4-0 и 4-1, но сега ситуацијата во таборот на Милано е далеку поразлична и сигурен сум дека ќе има голема борба на теренот“, вели Лампевски.
Кратовци се речиси комплетни во пресрет на соседското дерби, со исклучок на „поцрвенетиот“ напаѓач Благојче Марковски. Но, затоа не е исклучена можноста на зелените терени да се врати Ѓорѓи Заревски, кој есеноска во Кратово двапати ја тресеше мрежата на Милано.