gogo

A+ R A-


Среќна 100-та минута за Силекс, Јанев го зацрни Пелистер

Секунди го делеа Пелистер од трета во низа гостинска победа, но така не мислеше Томе Јанев и на истекот на 100-тата минута предизвика експлозија од радост на теренот и трибините во Кратово. Мечот Силекс - Пелистер (1-1) имаше своја приказна за раскажување и пред израмнувачкиот погодок, но и по него, кога полицијата со брза интервенција успеа да спречи голем инцидент. Но, да одиме со ред.

altКратовци мечот го почнаа во силен грч, без идеја во играта, а тоа знаеше да го казни поранешниот играч на Силекс, Благојче Марковски, со погодок во 33-тата минута. На голот претходеше некоординиран судир меѓу голманот Ников и стоперот С.Рудан, по што топката стигна до Марковски кој само ја поттурна во празната мрежа.

По голот кратовци малку се созедоа, но освен удари од далечина, не успеаја сериозно да се заканат кон голот на Пашовски. Ништо подобри не беа домаќините и во воведните 15-тина минути од вториот дел, кога Штерјовски ја направи првата измена и играта малку живна. Тогаш се случи и повредата на стрелецот Марковски, кога мечот беше во прекин цели седум минути. По прекинот некој нов Силекс на теренот, како да почувствуваа гостите дека обрачот се стега, па почнаа по секој контакт да лежат на теренот. Тоа предизвика голема нервоза кај домаќините, почнаа да летаат искри на теренот, а главниот судија Бартон комплетно ја испушти играта од своја контрола. Почна да дели картони на сите страни, а клучниот момент се случи во последната минута од регуларниот дел, кога беше исклучен нововлезениот Трајковски поради удирање на Тимовски без топка. Четвртиот судија покажа десет минути продолжение, а тоа беше знак комплетниот тим на Силекс да се пресели во гостинскиот шеснаесетник. Во осмата минута од продолжението Бартон не досуди пенал над Ѓорѓиев по еден старт од зад грб, по што атмосферата дополнително зовре. И кога веќе сите на стадионот беа на нозе, Силекс во 100-тата минута изведе слободен удар од десно, во шеснаесетникот се создаде голема мешаница по која топката среќно стигна до Јанев. Овој со ладна глава од само неколку метри ја погоди мрежата, за делириум на трибините, но и за бод рамен на победа.   Оливер Арсовски

(наскоро поопширна репортажа и видео)

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.