Прволигашот Шкупи е еден од тимовите против кои Силекс годинава има „егал“ скор, по една победа, реми и пораз. Додуша, кратовци двапати гостуваа, а утре (среда, 16 ч.) го пречекуваат тимот од Чаир, во првото коло од плеј-оф фазата на фудбалскиот шампионат. Составот на Момчило Митевски игра во одлична форма, особено на домашен терен, каде сите прволигаши со исклучок на Работнички и Турново, го положија оружјето во оваа сезона. Кратовци се во еуфорија, на половина чекор до излез на евросцената, свесни дека веројатно трите бода со Шкупи и дефиниивно ќе значат завршена работа.
-Трите бодови мора да останат во Кратово. Свесни сме дека со овие три бода и фактички ќе го осигураме излезот на евросцената. Најаважно е да се рехабилитираме по поразот во Турново и да ги освежиме силите. Ако пружиме максимум, а во такво нешто не се сомневам, тогаш Шкупи нема што да бара во Кратово - вели столбот во одбраната на Силекс, Стефан Рудан.
Судија на мечот ќе биде еден од најдобрите македонски судии Димитар Мечкаровски.