gogo

A+ R A-


Тетекс - Силекс 1-1

Силекс жали за трите бода

пишува - Оливер Арсовски

Сето она што фудбалерите на Силекс го градеа цели деведесет минути на стадионот во Тетово, падна во вода во последните мигови од мечот. Едно мало невнимание на потесната одбрана, мал пад на концентрацијата во клучните моменти беше доволно дефанзивецот на Тетекс Сашко Ристов да ја казни нерешителноста на кратовци. Сепак, нерешениот исход на гостувањето против „штофарите“ не смее да биде разочарувачки резултат, бидејќи е остварен

 

на жешко гостување и со играч помалку во вторите 45 минути.

„Секако дека жалиме за пропуштената шанса да стигнеме до трите бода, кои практично ги имавме в џеб. Не минути, туку секунди не делеа од триумфот во Тетово, но реалноста е сурова и една мала деконцентрација не чинеше загуба на два бода. Се сложувам дека и освоениот бод против засилениот Тетекс не е мала работа, но сепак трите бода ќе значеа зацврстување на четвртата позиција“, вели стрелецот на водечкиот гол за Силекс, Дарко Трајчев, кому ова му е трет погодок во првенството.

Покрај исклучувањето на Благојче Марковски во првиот дел, на две минути пред крајот кратовци останаа и без тренерот Ане Андовски. Своја оценка за двете исклучувања даде тренерот на голманите Новица Диневски.

„Црвениот картон што го заработи Марковски е доделен стриктно според правилата, иако ретко се случува играч да биде исклучен поради две играња со рака во безопасната зона. Од друга страна, исклучувањето на тренерот Ане Андовски беше престрого бидејќи неговата вина е што врати една топка во терен без да забележи дека веќе беше уфрлена друга топка на теренот“, вели Диневски.

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.