Здравко Дејановиќ е македонскиот алпинист кој направи несекојдневен подвиг, откако во 2010-та се искачи на највисокиот врв на светот Монт Еверест (8.848 м), лани на вториот врв по височина К2 (8.611), пред десетина дена се искачи и на најсмртоносниот врв Анапурна (8.091 метар). Своето патешествие Дејановиќ го раскажа на новинарот Ласте Димитриевски од весникот Нова Македонија, а порталот Аберџија ја презеде навистина возбудливата приказна за авантуристичкиот потфат на Дејановиќ.
Беше навистина тешко да се стигне до целта, беше многу студено, дуваше ветар, температурата беше многу ниска, околу минус 30, сите бевме премрзнати и тоа на некој начин влијаеше на нашата психа. Има некои чудни работи таму, Анапурна и понатаму останува мистерија, некако ми е како Бермудски триаголник, има нешто необјасниво со тој врв и околу него. Затоа и толку малку луѓе се искачуваат и толку многу страдаат, ни изјави македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ, кој на 24 март, како дел од 13-члената интернационална експедиција „Дримерс дестинејшн“, се искачи на најмалку искачуваниот и најсмртоносен врв на светот Анапурна (8.091 метар).
Дејановиќ во 2010 година стапна на највисокиот врв на светот Монт Еверест (8.848),а лани и на вториот врв по височина и технички најтежок К2 (8.611).
- Ми беше многу студено, иако ја имав истата опрема како лани на К2, а и температурите беа слични. Почнаа да ми мрзнат прстите на нозете уште во одење, што е реткост. Исто беше и со главата, со капата, изгледа и кај неа го снемало заштитниот слој при перењето, којзнае. На врвот никој не извади камера, само јас и Мингма успеавме да направиме кратко видео, а на молба на Турчинот Муарем Ајдин го сликав и ја извадив ракавицата што е една од причините за смрзнување на прстите на десната рака. Сега, кога сѐ е зад мене, жал ми е само што за три дена промашивме нашето искачување да се смета како зимско, што е реткост - изјави Дејановиќ.
ПРИНУДНО ПРЕСПИВАЊЕ НА 7.400 МЕТРИ
Колку што беше напорно и опасно искачувањето, симнувањето од врвот се покажа како многу поопасно, со фатални последици, со смрт на двајца членови на експедицијата, Финецот Самули Мансика и шерпата Пемба.
- Тешко е да се каже што сѐ се случуваше ноќта на враќањето, на 7.400 метри, каде што бевме принудени да преноќиме. Од последниот камп тргнавме кон врвот околу два часот по полноќ, иако требаше да тргнеме порано, околу 23 часот. Доцневме, не знам од кои причини. Затоа стигнавме релативно доцна на врвот, околу 14.30 попладне, што ни направи проблеми при враќањето. Згора, шерпасите при симнувањето малку го промашија патот, се стемни, немавме добра маркација, симнувањето стана рискантно и моравме да преноќиме на 7.400 метри и да чекаме да се раздени за да тргнеме надолу. Таму двајца едноставно исчезнаа, тоа беше на една вертикала, веројатно тргнале лево или десно, сеедно, необезбедени, и ги снема. А токму Мансика и еден од Кинезите важеа за најискусни. Кинезот имаше 12, а Финецот 10 искачувања на врвови над осум километри - вели Дејановиќ.
целата приказна на http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=4215174533&;id=20&prilog=0&setIzdanie=23436